Кастратовиќ: Успеавме поради три фактори, еден од нив - публиката!

Металург постигна еден од поголемите успеси на европска сцена во последниве години, пласирајќи се во фазата по групи од Европската лига и тоа во тежок и исцрпувачки двомеч против Криенс. Тренерот Зоран Кастратовиќ изрази задоволство од оствареното и изрази надеж дека ќе бидат конкурентни и во десетте групни средби.

Металург ја одбрани победата од 26-24 од Скопје со минимален пораз од 21-22, во еднакво цврст натпревар во кој нервите беа важна алатка. Криенс покажа дека е во нагорна форма, бидејќи викендов го совлада најголеиот фаворит во швајцарското првенство, Кадетен Шафхаузен со 32-24.

„Очекувавме ваков натпревар, цврст, неизвесен, затоа што предноста остварена во Скопје не ни дозволиваше ништо друго освен да изгинеме на терен сите 60 минути. Игравме против лидерот на швајцарското првенство, тим кој минатиот викенд го декласира Кадетен, постојан учесник во ЛШ.“, истакна Кастратовиќ.

Не се воздржуваше да ги каже трите елементи, кои според него беа клучни за победата, делејќи комплименти за македонските иселеници, кои го следеа натпреварот во Цирих.

„Три клучни моменти го решија натпреварот. Бескомпромисната одбрана во текот на целиот натпревар, одличниот Дупјачанец и извонредната поддршка од страна на нашите навивачи коишто ни даваа 'ветер во едрата' во моменти кога ни беше најпотребно. Честитки за сите играчи кои вложија голем труд од почетокот на подготовките. Се надевам дека ќе бидеме конкурентни и во групната фаза“, коментира тренерот.

Играчите на Металург се уште се наоѓаат во Цирих, а во Скопје ќе допатуваат утревечер. Во меѓувреме, ќе дознаат која од четирите групи ќе им се падне на ждрепката, закажана за 11 часот, во Виена. Тие се наоѓаат во шестиот, условно, најслаб шешир.