Карачиќ: Ова беше натпревар со сто отсто!

Игор Карачиќ имаше голем товар врз себе, да биде единствениот плејмејкер на Вардар, во ситуација кога Лука Циндриќ е повреден и се истакна со три гола од три обиди и уште многу инспирирани акции.

Со голема почит кон Рајн-Некар, Карачиќ рече дека ваква победа беше возможна само со максимално почитување на сѐ што им кажал Раул и сѐ што подготвиле во тренинзите, во текот на неделата.

„Тимот на Рајн-Некар извонредно се бореше. Ги следам во текот на сезоната, навистина е уживање да се гледаат. Ние се подготвавме многу за овој натпревар. Добро ги познаваме, но сепак требаше да играме сто отсто за да одиграме вака како денеска. Опасна е таа игра 7 на 6, но ние добро отворивме. Одбраната функционираше одлично, а со неа и нашиот напад. Ова е еден од оние натпревари во кои испочитувавме сѐ што се подготвивме и што ни кажа тренерот. Само вака да продолжиме и Вардар ќе биде супер“, изјави хрватскиот среден бек.