Кањелјас: Додека го носам ова на градите не ме интересира друг клуб!

Жоан Кањелјас си заработи местенце под рефлекторите токму пред натпреварот Кил - Вардар, прв од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Сепак, денешната потврда за во неговиот иден клуб, Пик Сегед, не го мрда од шините и тој е стриктно фокусиран на неговиот поранешен тим.

Вардарци си ги освежија сеќавањата од минатата пролет, кога неколку пати креваа пехар и се интонираше култната „Ние сме шампиони“ (We are the champions) од Квин. Кога сте освоиле некое натпреварување не може да немате самодоверба и да не гризате пред себе. Меѓутоа, Кањелјас предупредува на трезвеност - без глупости.

„Ја освоивме СЕХА-лига, но знаеме дека в недела треба да играме четврт-финале против Кил. Атмосферата е одлична. Долго време го очекуваме овој натпревар и знаеме колку тешко ќе биде и колку добри играчи имаат. Јас посебно знам колку тешко е таму, мора да бидеме многу фокусирани. Не смееме да правиме глупости и грешки, зашто тие многу трчаат и многу се добри“, коментира Кањелјас.

Тој дојде во Вардар токму од редовите на Кил, летото 2016 година и сега треба преку него да продолжи одбраната на пехарот во ЛШ. Некои просечни изданија и резултати на Кил од почетокот на сезонава не го залажуваат Шпанецот и тој најдобро знае колку тешка задача го очекува Вардар и на мечот в недела и на реваншот во Скопје, на 29 април.

„Го гледав Кил и мислам дека во овој момент се многу добри. Играат без притисок и сигурно дека нам ни ја префрлат фаворитската улога. Таква ситуација имавме и кога играв јас таму. Ни гостуваше Барселона како прва во групата, ние бевме четврти и ја победивме. Така што Кил е секогаш голем клуб. Ако сте фаворит против нив – мора да покажете. Само со игра 100 проценти, со интензитет и како што знаеме“, истакна 32-годишниот бек.

За разлика од Кил, кој се крена како поминуваше сезоната, Вардар имаше еден надолен пат, кој, за среќа, го негираше одличното издание на завршницата во СЕХА-лигата. Поразите од февруари и во март биле само минлива криза.

„По Европското првенство не бевме во најдобра форма. Меѓутоа, мислам дека имавме време да го подготвиме овој натпревар. Мислам дека сега на Ф4 во СЕХА одигравме многу подобро од февруари или од март. Треба да останеме позитивни и да имаме на ум дека не треба да го чекаме реваншот за да се пласираме во Келн. Треба да играме добро и таму за да победиме. Ако чекаме и мислиме дека имаме шанси во Скопје, ќе направиме голема грешка. Таква грешка направи Сегед и затоа загуби“, дополни Кањелјас и потсети за последната жртва на „зебрите“ во ЛШ, во осминафиналето.

И се разбира, го прашавме за коментар за трансферот во Пик Сегед, кој денеска беше официјализиран, а тој:

„Додека го носам ова на градите не ме интересира друго. После имаме време да зборуваме за тоа“, кажа верниот вардарец.