Екипата на Вардар отпатува за Полска, каде што в сабота ќе го игра мечот на неделата, против Кјелце, во рамки на 8. рунда од Лигата на шампионите. Еден од најважните играчи во тимот, десниот бек Даинис Криштопанс, сепак, остана во Скопје поради повредата на скочниот зглоб.

Ова значи дека Едуард Кокшаров и неговите ракометари повторно ќе мора да импровизираат, со оглед дека Криштопанс беше единствениот здрав десен бек на располагање, по операцијата на Жозе Толедо. Тој се повреди на натпреварот против Војводина, во СЕХА-лигата, пред неполни две недели и оттогаш нема одиграно ни минута, а Кокшаров отсуството му го надополнуваше со Иван Чупиќ на десната бековска позиција.

Со оглед дека и Даинис Криштопанс и Сергеј Горбок исто така беа повредени, во лев бек „се престори“ и Тимур Дибиров, но сега барем на таа страна од надворешната линија ќе олесни бидејќи Дисингер патува. Кокшаров, синоќа по победата над Мотор, изјави дека Германецот уште чувствува болка на таа стара повреда на зглобот, но ќе биде со екипата и ќе се обиде да помогне. Во слична ситуација се и Атман и Горпишин, кој одигра некоја минута синоќа против Мотор, а во Скопје останува и Горбок, кој и онака нема значајна минутажа од почетокот на сезонава.

Натпреварот Кјелце - Вардар ќе биде централен во 8. коло од ЛШ, а закажан е за 18 часот.