ЖРК Вардар ја заврши групната фаза од Лигата на шампионите со перфектен скор, откако во низата скалпови го нареди и Турингер, вечерва пред својата публика во „Јане Сандански“, со 29-21.

Последниов меч од групната фаза јавноста го сфаќаше како формалност, но дури да дојдат до тоа односите на паркетот, мораше да се одигра полувреме и кусур. Турингер, иако допатува само со седум ракометарки и две голманки, беше многу енергичен, затоа и рамноправен во првите 30 минути.

Вардар постојано се обидуваше да се одлепи, дојде и до највисоки 10-6 во 20. минута, но знаеше и да згреши, а брзите Германки тоа го казнуваа. Затоа полувремето го завршија со серија од три врзани гола и во соблекувална заминаа со 12-12.

Но, штом играте седум на шест, а клупата ви е празна во меѓувреме – тешко се издржува. Херберт Милер немаше избор за замени, па оние ракометарки со кои располагаше сè повеќе грешеа и трчаа со тешки нозе.

Веќе по пет минути во вториот дел предноста почна да расте, Јованка Радичевиќ врза три гола на празна мрежа во серијата од 7-1, па во 40. минута Вардар имаше 20-14. Германскиот тренер се обидуваше со тајмаут да ги смири своите, но продолжи истиот тренд на паркетот, со леснотија во комбинаториките на вардарки и со лесни реализации. Единствено Јана Краузе на голот ги запираше повремено, со своите девет одбрани само во второто полувреме, но затоа, пак, Вардар ја имаше Ина Суслина која интервенираше дури десет пати во втората половина од мечот.

Пред финишот македонскиот тим поведе и со највисоки десет разлика, но Турингер намали до крајот на попристоен пораз. Александра Лакрабер постигна седум гола, од кои два од пенал, Јованка Радичевиќ додаде шест, а Полина Кузњецова имаше пет од пет. Кај Турингер, Ивета Лузумова предводеше со пет погодоци. Со ова Вардар го освојува првото место во групата Ц, со максимални 12 бода, нешто што не ѝ успеа на ниту една друга екипа во женската ЛШ. Тоа значи и дека во следната групна фаза, во јануари, ќе продолжи со максимални осум бода.