И покрај убедливиот пораз: Ракометар на Металург е играч на колото во ЛШ! (ВИДЕО)

Македонскиот вицепрвак Металург минатиот викенд загуби убедливо на гостувањето против Дански Силкеборг (25-33), но тоа не беше пречка нивниот ракометар Халил Јагањац да биде прогласен за најдобар во 4. коло од Лигата на шампионите.

Хрватот доби најмногу гласови во изборот на официјалната интернет-страница на Европската ракометна федерација (ЕХФ), пред сѐ поради фантастичната индивидуална партија и десетте постигнати голови на мечот во Данска. Јагањац претходно се најде и во идеалниот тим на колото, заедно со „вардарецот“ Тимур Дибиров.

Ракометарот на Металург во моментов се наоѓа на делба на шестата позиција на листата стрелци со 25 погодоци, четири помалку од лидерот Алекс Душебаев од Кјелце.