И Ларвик згазен, Вардарки доминантни како никогаш досега!

Никогаш досега Вардар немал три победи во првите три меча од Лигата на шампионите, а сега го прави тоа убедливо и доминантно. Последната од нив е на гостувањето кај Ларвик со 31-19.

За разлика од победите кај Турингер и дома со Ференцварош, Вардар сега ја немаше супериорноста од почетните минути, но на крај, сепак, беше најубедлив досега. Причината е во бројните грешки и промашувања на македонскиот првак од почетокот, што му овозможи на Ларвик почеток со 5-2.

Вардарки посветено работеа на консолидирање на своите редови и изедначија на 5-5, во 11. минута, како дел од серијата од пет гола едноподруго. Разликата ја направи Ина Суслина, која влезе во осмата минута и не прими гол во следните осум. Сепак, иако изедначи и поведе, Вардар не можеше да се одлепи се до 23. минута, кога од 9-9 следуваше пеколен финиш. 

Репрзентативката Сара Ристовска доби шанса, реализираше три контри и ја почна низата од 7-0, со која македонската екипа дојде до 16-9 на паузата. Се покажа дека овој период бил клучен за натпреварот, бидејќи Ларвик немаше „муниција“ за да се врати во второто полувреме. Многу тешко наоѓаше пат до мрежата, бидејќи Суслина блескаше, со 17 одбрани на крајот, а тоа овозможи предноста да расте.

По 50. минута, Вардар имаше уште една серија за бележење (4-0), повторно со неколку голови од контра, со што водството ја надмина и двоцифрената гранида. Ристовска беше најефикасна со шест гола од шест обиди, шест имаше и Андреа Пенезиќ, а Андреа Лекиќ застана на пет. Суслина, меѓу 17-те одбрани запиша два пенала, колку да ѝ парира на противничката од спротивниот табор, Рундбратен, која исто така двапати фати седмерец, меѓу вкупно 12 интервенции.

Со шест бода, Вардар е прв во групата, зад него Ференцварош и Турингер имаат по два, но треба да играат меѓу себе. Следноит меч Вардар го игра дома, на 4 ноември, исто така со Ларвик.