Холандија ја запре победничката серија на Црна Гора

Холандија ја оствари првата историска победа во главната фаза на едно Европско првенство во ракомет откако денеска со 34-30 ја совлада Црна Гора во рамки на 2.коло во Групата 1.

Црногорците многу подобро го почнаа натпреварот и имаа водство од 10-6, но „лалињата“ го свртеа резултатот во своја корист пред крајот на полувремето за на пауза да заминат со водство од 16-18. Во вториот дел Холандија не дозволи Црна Гора да се понадева на пресврт и водеше постојано, а највеќе со +5 голови за на крајот резултатот да гласи 30-34. Со ова заврши низата од три победи по ред на Црногорците, кои во првата фаза ги победија Македонија и Словенија, а во главната фаза ја изненадија Хрватска. 

Кај Смитс со девет голови беше најдобар во победничкиот табор, додека Лук Стајнс и Томи Фалке постигнаа по шест. Голманот Тијс ван Лојвен имаше 14 интервенции. Кај Црна Гора, Радојица Чепиќ и Бранко Вујовиќ постигнаа по шест голови, а голманот Небојша Симиќ собра 10 одбрани.

Двете репрезентации остануваат со по два бода во главната рунда, а во следното коло Холандија игра со Данска, додека Црна Гора со Франција на 24 јануари.