Голобрадо момче од Металург дава голови, а ЕХФ не знае дали бил најмлад во ЛШ

Металург сезонава го има најмладиот тим во Лигата на шампионите, а веројатно го има и најмладиот ракометар што некогаш настапил во елитното натпреварување и што постигнал гол. 

Европската куќа на ракометот (ЕХФ) нема точни податоци за да потврди дали Стефан Додиќ од Металург со 15 години и седум месеци е најмладиот ракометар што некогаш настапил, а со тоа дали е и најмладиот што постигнал гол во Лигата на шампиони.

Додиќ првите чекори на теренот во ракометната елита сезонава ги направи против Татран Прешов во Скопје во рамки на третото коло. Побаравме информација од ЕХФ дали тој е најмладиот што некогаш заиграл во ЛШ, но од Куќата на ракометот информираа дека не можат да потврдат ниту да негираат такво нешто. ЕХФ има проблем со податоците од првите сезони во Лигата на шампионите и не може да знае со сигурност за ваква информација.

Како и да е, Додиќ не само што настапи во елитата со 15 години, тој вчера против Чеховски Медведи дури и постигна два гола. Двата од линијата за седум метри, па веројатно испиша нова страница во историјата на европскиот ракомет како најмлад стрелец.

Официјално потврда од ЕХФ за вакво нешто веројатно никогаш нема да добиеме.  

ФОТО: РК Металург