Гаџа: Не смееме многу да грешиме, Кил знае како да казни

Вардар сезонава почна многу добро во Лигата на шампиони, но влезе во лоша серија и запиша два порази по ред од Монпелје во Скопје и против Алборг во Данска. 

Во среда во Скопје доаѓа и можеби најголемиот предизвик за „црвено-црните“ оваа сезона, а тоа е германскиот гигант Кил. Креаторот на играта на Вардар, Анте Гаџа предупредува дека техничките грешки мораат да бидат сведени на минимум ако тимот сака да стигне до поволен резултат против фаворитот.

„Мислам дека има уште простор за напредок во нападот иако и досега постигнуваме доста голови. Сигурно дека и ние во некои моменти не сме задоволни и дека има тука уште да се работи. Со Кил ќе мора да бидеме многу концентрирани во нападот, бидејќи многу лесно ги казнува грешките, трчаат брзи контри затоа мислам дека тоа ќе биде важен елемент, ако сакаме да го добиеме натпреварот“, рече Хрватот на денешната прес-конференција.