Европскиот првак ја суреди Чешка без преголема мака

Актуелниот европски ракометен шампион Шпанија очекувано тргна победнички во главната фаза на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска, откако денеска ја суреди Чешка во првиот меч од групата 1 во втората рунда на Евро 2020 обедувајќи убедливо со 31-25.

Шпанците ја оправдаа улогата на фаворит на мечот, па од самиот старт го контролираа мечот и набрзина стигнаа до три гола предност, која до полувремето ја претворија до плус пет, а во ист силен ритам продолжија и во вториот дел во кој успеаа да ја дуплираат разликата на најубедливи 29-19 и 30-20 во завршната третина од вториот дел за да запишат лесна победа, па во завршницата Шпанците се опуштија за Чешка да се избори за поприфатлива едноцифрена негатива на крајот од шест гола (25-31).

Поранешниот вардарец Алекс Душебаев и Анхел Перез Фернандез со по пет гола беа предводници во нападот, Перез де Варгас на голот собра 11 интервенции, а 14 од 16 ракометари дадоа најмалку по еден гол на мечот, меѓу кои и чуварот на мрежата за овој убедлив триумф.

Станислав Каспарек со шест гола, Ондреј Здрахала даде дури осум и Роман Бечвар со четири беа најистакнати поединци кај Чешка, но залудни беа и 13-те одбрани на Томас Мрква на дуелот со фуриозната „фурија“.

Шпанија со победата сега има 4 бода, бидејќи пренесе два од првата рунда, па направи чекор поблизу до полуфиналето, иако клучните мечеви за место за битка за трофејот ќе ги води со Хрватска, Германија и Австрија, пресметки кои ги очекуваат во следните мечеви.