Еурофарм работник замина во историјата со победа во ЛШ!

Пред да почне нова страница во своето постоење, како Еурофарм Пелистер, тимот основан во 2011 година, како Работник, се прости со Европа со победа во последното коло од Лигата на шампионите и тоа над лидерот во групата Ц, Бидасоа Ирун.

Како мало искупување за сите пропуштени шанси, прокоцкани победи и нереализирани водства, Еурофарм работник славеше над Бидасоа со 25-23. Шпанскиот тим, можеби, не играше во полна сила, имајќи предвид дека го осигура првото место во групата Ц уште минатата рунда, но не изгледаше таков резултатот во првото полувреме.

Бидасоа наметна контрола и утврди едно константно водство во првиот дел кое изнесуваше 9-5 некаде пред 15. минута, а во финишот на првиот полчас и највисоки 15-10. Меѓутоа, Еурофарм имаше одличен финиш, со серија 4-0, потпомогната и од голманот Градимир Чаневски, така што на пауза замина со 14-15.

Во вториот дел битолчани не дозволија да им се повтори грешката, па побрзаа да ја преземат контролата од противникот и во изедначена размена на погодоци, сепак тие беа тимот, кој почесто водеше. Во 50. минута имаа ретко водство од плус два (22-20), Шпанците се вратија и од тоа, сепак на крај немаа решение за Владислав Остроушко, кој се јави како спасител на Еурофарм работник, со два гола во завршницата.

Остроушко беше и најефикасен кај домаќините, со осум гола од 12 обиди, по четири постигнаа Никола Маркоски и Милан Ѓукиќ, додека Чаневски одбрани 9 удари, од кои шест во првиот дел. Прв стрелец на мечот беше Руди Сери од Бидасоа, со девет гола. 

Дури и со третата победа и со вкупно шест бода, Еурофарм завршува последен во групата Ц, само поради послабиот меѓусебен однос со фински Кокс, кој исто така има 6 бода. Бидасоа како прва, Спортинг како втор продолжуваат во плејоф за осминафиналето.

 

ТАБЕЛА група Ц: Бидасоа Ирун 15, Спортинг 14, Савехоф 12, Татран П. 7, Кокс 6, Еуорфарм Р. 6.