Еурофарм Пелистер се враќа со „нула“ и од гостувањето кај Тримо Требње

Предупредувањето на Жељко Бабиќ, дека не постојат фаворити во Европската лига стана вистина. Тримо Требње, тимот кој имаше најнизок рејтинг при влечењето на учесниците во групата Д, вечерва го победи Еурофарм Пелистер со 28-24.

Битолчани налетаа на мотивирана екипа, на организирана одбрана и можеби најважното - расположен голман. Александар Томиќ беше несовладлив, со 16 интервенции, од нив 11 во првиот дел и преку 36-процентна успешност. Што е најважно, голем број од тие одбрани беа зицери, шанси кои требаше да бидат лесни голови, наместо промашувања.

Поради сето тоа, тој на некој начин го диктираше текот на натпреварот, не дозволувајќи му на Еурофарм Пелистер да изедначи или да постигне серија голови со која би направил пресврт. Единствениот момент во кој Е. Пелистер водеше беше при 5-4, во 16. минута, а потоа Тримо презеде и поведе со максимални плус четири (12-8). Сепак, со оглед како изгледаше натпреварот и каква беше играта, за битолчани носеа надеж оние 14-12 од паузата, дека во вториот дел можен е пресврт.

Тогаш, пак, секна креацијата во нападот, недостасуваа удари од зад девет метри, а останатите комбинации Словенците добро ги читаа. Неколку пати македонскиот претставник пропушти напад за израмнување, последно имаше минус еден во 48. минута, при 20-19, но не можеше повеќе да ги следи Словенците. И тие последни обиди завршуваа во телото на Томиќ, а во својата офанзива Тримо беше непогрешлив, па со серија од 4-0 дојде до 26-20 во 55. минута, од што немаше враќање.

Покрај извонредниот голман, важни за триумфот на Словенците беа и Сарак и Поточник со по пет гола. Толку постигна и најефикасениот кај Е. Пелистер, Стипе Манадалиниќ, но од 11 обиди, а сосема солиден беше Мартин Велковски со четири од пет. Голманите Чаневски и Трајковски беа скромни, со по три одбрани. Е. Пелистер останана еден бод, на претпоследното, петто место на табелата, додека Тримо дојде до четири на второто. Следниот меч е реванш, меѓу истите екипи, во Битола, идниот вторник.