Емотивно писмо на Душебаев: Земете ми 25 отсто од платата, само Кјелце да преживее!

Кјелце се мачи со финансиски проблеми и не знае дали ќе може да функционира во сезонава која само што не почнала. Во отсуство на бараната поддршка од градските власти, тренерот Талант Душебаев се обрати со отворено, емотивно писмо.

Тренерот на Кјелце се обиде да им посочи на сите кои можат да му помогнат на клубот дека овде е важен ракометот пред сѐ и сите бенефити кои ги има градот и луѓето од него. 

„Не дојдов во Кјелце за пари. Дојдов за долгорочен проект, кој беше и сè уште е еден од најдобрите кои сум ги сретнал во ракометот. Ова е проект, кој му го претстави градот Кјелце на светот. Благодарение на овој проект јас дознав за Кјелце, ѝ се отворив на Полска и се заљубив во неа“, почнува писмото на Талант.

Тој дојде во Кјелце летото во 2014 година и почна една нова епизода во клубот, која кулминираше со освојување на титулата во Лигата на шампионите во 2016 година. Тоа не беше негов прв трофеј. Претходно стануваше шампион и како играч и како тренер (трипати со Сиудад Реал), па чувството на победа за него не беше ново. Сепак, го истакнува како посебно, затоа што Кјелце го доживувал различно.

Она што, за жал, може да му биде заедничко и со Сиудад Реал и со Сантандер, со кого освои титула во ЛШ како играч (1993/94) е пустошот. Вели дека и двата града ги снајде иста судбина и сега тагуваат по ракометот и по славните денови. Затоа тој нуди подадена рака и бара помош од останатите фактори кои можат да помогнат. 

„Можев да одам во други клубови, имав и други понуди, но останав во Кјелце за да го продолжиме овој проект, кој го водиме заедно со играчите, со бордот, со навивачите и со градските власти уште од 2014 година. Многу од моите играчи имаат исти чувства, јас разговарав со нив. Затоа прифаќаме намалување на нашите плати од 25 проценти, за да покажеме дека сме тим во една вака тешка ситуација. Ние лесно можеме да си најдеме нови клубови, но ќе ни треба многу за да дојдеме до нивото кое го имаме во Кјелце. Ве замолувам вас, поддржувачи, спонзори и власите во градот за солидарност и поддршка кои ги покажувавте и досега. Бидете со нас како што бевте на секој меч досега дури и кога не ни одеше најдобро. Бидете со нас и ние ќе бидеме со вас. Ќе продолжиме да играме ракомет за ово град, ќе продолжиме да се бориме и да ве исполнуваме со гордост“, пишува понатаму во писмото на Душебаев.

Како и полската репрезентација, Кјелце во послендава година се наоѓа пред тежок предизвик, да го подмлади тимот, а притоа да одржи високо ниво на резултати. Во оваа насока ги купија и младите Алекс Душебаев и Лука Циндриќ од Вардар, но сега и тие и останатите играчи доброволно прифатија да ја скратат својата плата за четвртина. 

„Дојде време за нова фаза во проектот. Градиме нов, перспетктивен тим и за тоа се потребни неколку години. Затоа ги молам властите да го разгледааат мојот предлог. Почнувајќи од себе, отстапувам 25 проценти од платата за клубот и за нашиот проект. Не потекнувам од Кјелце, но го чувствувам овој град и овој регион како мој дом. Ајде заедно да се погрижиме дека овој дом на ракометот ќе продолжи да се развива и дека повторно ќе искусиме силни емоции во него“, заврши писмото на Душебаев.

Прашање е колку и дали ќе разбуди некое сочувство кај субјектите кои можат да помогнат, бидејќи часовникот на Кјелце одбројува. До утре е рокот кога треба да ја поднесат потребната финансиска документација за учество во полската лига, нешто што досега беше формалност. Главниот проблем беше долгот од пет милиони злоти (1,2 милиони евра), поради кои клубот бараше помош од градот, меѓутоа на општинска седница беше изгласано против оваа точка.

Кјелце треба да биде противник на Вардар во групата од новата сезона во Лигата на шампионите, но ќе видиме дали воопшто ќе продолжи да се натпреварува.