ЕХФ за едни мајка, за други маќеа: Пик Сегед помилуван, а друг клуб - дисквалификуван!

Големиот број случаи на заразени со коронавирусот или, пак, специфични ситуации предизвикани од пандемијата ѝ отворија работа на Европската ракометна федерација (ЕХФ), па некои натпревари наместо на терен добиваат разрешница на маса.

Таков е случајот со шпанскиот тим Бенидорм, кој официјално е елиминиран од Европската лига, иако денеска требаше да го игра реваншот од второто квалификациско коло, против австриски Фиверс.

Шпанците имале случаи со заразани ракометари, па целата екипа мора да остане во изолација. Уште пред два дена се обратиле до ЕХФ и побарале денешниот реванш во Виена да биде одложен, а одговорот стигна денеска и сигурно не им се допаѓа.

„Нема да има втор круг во овој двомеч поради ситуацијата во екипата на Бенидорм и затоа Бенидорм не е повеќе активен учесник во ЕХФ Европската лига. Како последица на ова, ЕХФ го прогласува Фиверс квалификуван за следната фаза од натпреварувањето, а тоа е групната фаза. ЕХФ жали за оваа ситуација, бидејќи во нашиот спорт не ни е од интерес да донесуваме одлуки без натпревари“, пишува во објаснувањето на Европската ракометна куќа.

Е сега, се покрева прашање, како тоа Бенидорм, како клуб со заразени ракометари, недостапни за играње е строго осуден на пораз, а на пример еден Пик Сегед се толерира или, пак, на Елверум му се исполнуваат желби за играње и неиграње.

Секако, постои разлика во случаите, Бенидорм требаше да гостува во Виена, а Пик Сегед е домаќин на Вардар во натпреварот што оригинално беше закажан за четврток, 1 октомври. Исто така, тоа е елиминациски двомеч (во првиот круг 34-32 за Бенидорм), а ова натпревар од групна фаза.

Меѓутоа и во двата случаја една екипа е виновник зошто натпреварот не може да се одигра, а последиците се различни: Бенидорм елиминиран, а Пик Сегед не само што нема да загуби административно, туку ќе биде помилуван со одложување на мечот за нов датум (иако до објавување на текстов нема дефинитивна одлука).

Друга беше ситуацијата со Елверум, кој побара натпреварот со Вардар да биде одложен, иако никој засегнат не беше заразен од Ковид-19. Желбата им беше исполнета само затоа што по враќањето од Скопје ќе мораа да одлежат 14-дневна изолација, бидејќи такви се правилата на норвешката влада, без притоа да побараат исклучок, како спортска екипа.