ЕХФ ич не го сака: Вујо мајсторе одново казнет!

Ако се води некоја статистика, Веселин Вујовиќ, сигурно е еден од најказнуваните ракометни работници во историјата. ЕХФ сега му изрече нова казна.

Миленикот на Комити, популарниот Вујо мајсторе, ќе мора да ѝ плати на европската ракометна организација 5.000 евра. Овој пат е казнет за „злодело“ кое го направил во март, една изјава за шпанска „Марка“ со која одново го огрде лицето на ЕХФ.

„Понекога, кога судиите ќе направат грешка, а јас ќе скокнам, чувствувам мирис на алкохол. Сакав и порано да запишам во своите бележници и записници, но претседателот и делегатот ми препорачаа да не пријавувам ништо. Зошто, бидејќи казнет би бил клубот, а не судиите“, изјави тогаш Вујовиќ.

Не знаеме за кој натпревар ова точно се однесува, но казнет е затоа што ги „загрозувал честа и интегритетот на судиите“. Сепак, тешко е за верување дека оваа мерка ќе делува воспитно, со оглед на неговата историја со казни и особено однесувањата кон судиите. На ЕП во Хрватска дури на една прес-конференција ЕХФ ја нарече криминална организација.