ЕХФ го откажа Ф4 турнирот во Будимпешта: Следен е Келн?

Завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони во женска конкуренција што требаше да се одржи од 3 до 6 септември во Будимпешта е откажан, информираше Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Кај ракометарките годинава нема да има шампион и тоа поради коронавирусот. ЕХФ не сака да презема никакви ризици и да го загрози здравјето на ракометарките па одлучи да го откаже традиционалниот турнир во Будимптешта.

„Изминативе месеци ЕХФ постојано потенцираше дека натпревари ќе се играат само во безбедна околина за сите кои се инволвирани. Тука мора да се додаде дека организацијата на еден завршен турнир бара подготовки на многу нивоа во споредба со само еден натпревар во Лигата на шампиони. Има голема несигурност околу развојот низ Европа и тоа може да има последици за еден ракометен фестивал и навивачите“, изјави Михаел Видерер, првиот човек на европскиот ракомет.

Дали ова значи дека следен чекор ќе биде откажување и на машкиот завршен турнир во Келн? Мажите требаше да играат буквално во последните денови од оваа 2020 година, што предизвика сериозни критики кон ЕХФ и чудење кај навивачите, бидејќи новата сезона во ЛШ ќе биде речиси на половина пат. Многу од ракометарите кои играа за учесниците на турнирот, Барселона, Веспрем, Кил и ПСЖ, идната сезона ќе играат во други тимови, а најчудна ќе биде ситуацијата со Сандер Сагосен. Норвежанецот избори Ф4 со ПСЖ, а во декември ќе игра за Кил.

Ако ЕХФ го укине и машкиот Ф4 турнир, тогаш Вардар уште една цела година ќе биде актуелен европски шампион, бидејќи титулата за сезоната 2019/2020 нема да биде доделена.

Новата сезона во женската Лига на шампиони ќе започне на 12/13 септември, а ждрепката за групната фаза е закажана за 1 јули.