Еурофарм Пелистер го освои првиот бод во новата сезона од Европската лига и тоа на крајно драматичен начин, во натпревар кој Кадетен Шафхаузен долго време изгледаше дека ја има победата в раце. Нерешените 28-28 ги постави средниот бек на битолчани, Јосип Периќ со гол во последната секунда.

На три минути до крајот Кадетен имаше 28-25 и само она непишано правило „еден гол за една минута“ беше аргумент дека Е. Пелистер може да се врати и на крај теоријата се преточи во реалност. Таа реалност делуваше уште понестварна дваесетина минути порано, кога зелено-белите губеа со осум разлика, но мечот мина низ „брда и долини“ за да стигне до инфаркт завршница.

Меѓу нетрпеливоста, нервозните потези и исклучувањата, Кадетен му даде подарок на Е. Пелистер: На 21 секунда до крајот доби исклучување затоа што имаше прекумерен број ракометари во поле. Од водство 28-27 и напад, Швајцарците наеднаш се најдоа со само четворица во игра и загубена топка, а Е. Пелистер тоа го искористи со максимална неизвесност, со гол на Јосип Периќ дури со звукот на сирената.

Тоа беше шести погодок за Периќ, кој беше најефикасен кај „пелистерци“, а со по четири гола му помогна Мандалиниќ, Граѓан и Маркоски. За камбекот заслужен е и Марко Кизиќ, кој немаше многу, пет, но сите од нив во круцијални моменти за да се реинсталира самодовербата и Пелистер да почне да игра како што може.

Дотогаш беше бледа сенка на својот потенцијал, почнувајќи отсутно, како и во првиот меч со Ним. Потребни беа девет минути за првиот погодок, кој дојде преку Немања Обрадовиќ, но тогаш веќе беше 5-0 за Кадетен, кој не застана да го надградува водството. Во 20. минута тоа достигна највисоки 12-4, траеше до 14-6, но од овој момент „пелистерци“ како да се „прештекаа“ и одеднаш станаа подобрата екипа на паркетот.

Имаше седум минути до крајот на полувремето, а тие ги искористија со пет постигнати и само два примени гола за попристојни минус пет на паузата (16-11). На почетокот на вториот полчас се врати оној стар однос однос на силите, Кадетен повторно поведе со плус осум (20-12), но почна да функционира одбраната на Е. Пелистер, како и Марко Кизиќ.

Швајцарците не ја најдоа мрежата во следните шест минути и тоа беше доволно македонскиот претставник да се врати во натпреварот. Во завршните десет минути влегоа со само два негатива 22-20 и поттикнаа едно жестоко темпо и напната завршница. Почна да функционира нападот „7 на 6“ на Бабиќ, Швајцарците одговараа со ефиксност, но ги стигнаа нервите во клучните секунди.

Зендер со осум и Марос со седум гола беа носители на играта на Шафхаузен, а голманот Пилиповиќ беше одличен со 10 одбрани. Ова беше прв бод и за двата тима, по поразите во воведната рунда, а веќе во третата ќе имаат шанси за чекор подалеку, Е. Пелистер на гости кај АЕК, Кадетен на теренот на Татабања.