Е. Пелистер директно во групите, Металург и Бутел во квалификации

Европската ракометна федерација ги објави екипите кои ќе учсествуваат во новоформираната Европска лига, за сезоната 2020/21. Од трите македонски претставника, само Еурофарм Пелистер доби директно место во фазата по групи.

На основа на нивното реноме од Лигата на шампионите минатата сезона, битолчани добија доверба од ЕХФ да бидат еден од привилигираните 12 тима, кои нема да играат квалификации, туку директно ќе почнат од групната фаза во Европската лига.

Од друга страна, Металург има причина за незадоволство, бидејќи, ајде што не доби директен премин во групите (по една екипа од земја), туку не е вбројан ниту во екипите кои го прескокнуваат барем првото квалификациско коло. Тоа значи дека и Металург и Бутел Скопје ќе мораат од нула да се борат за влез меѓу 24-те екипи од групната фаза.

Во таа класа се наоѓаат 30 екипи кои ќе вкрстат во двокружен (дома-гости) нокаут-систем, а меѓу нив има сериозни имиња како Мелсунген од Германија, Холстебро од Данска, Бенфика од Португалија, Кристијанштад од Шведска итн. Металург би требало да има улога на носител во едно такво друштво, а Бутел, веројатно во ждрепката ќе влезе од вториот, подреден „шешир“. Оние 15 екипи кои ќе излезат како победници од двомечот, ќе се судрат со деветте тима, кои добија место директно во втората квалификациска рунда.

Од формираните 24 двојки, 12-те победници ќе ја комплетираат фазата по групи, каде што веќе е Еурофарм Пелистер, заедно со уште неколку големи имиња, со искуство од Лигата на шампионите: Адемар Леон, Магдебург, Висла Плоцк, Ним, Татабања, Динамо Букурешт, Чеховски медведи, Кадетен Шафхаузен, Татран Прешов, Алингсас и Бешикташ

Во текот на неделава ЕХФ ќе ги соопшти конкретните „шешири“, а ждрепката за првото и второто квалификациско коло ќе се случи идниот вторник, на 28 јули, во Виена. Првите натпревари Металург и Бутел ќе ги играат на 29/30 август, а реваншите една недела подоцна. Вреди да се спомене и дека Македонија останува на четири претставника во Европа (овие три плус Вардар), односно барањето на Охрид за т.н. вајлд-карта не е одобрено, бидејќи го нема во тимовите кои ќе се натпреваруваат во третиот ранг, ЕХФ-купот.