Двајца поранешни селектори на Македонија се скараа поради – крилото на Вардар!

Хрватската ракометна репрезентација вечерва ќе го одигра вториот натпревар на Светското првенство (СП) во Египет и тоа против Ангола, дуел во кој ќе се обиде да го анулира стартниот кикс кога одигра само нерешено со Јапонија (29-29).

Победата е императив за момците на Лино Червар, кои против селекцијата од Далечниот Исток цел натпревар го бркаа водството на противникот, за на крај мирната рака на повратникот Иван Чупиќ да им донесе можеби незаслужено реми.

Крилото на Вардар во одредени моменти од натпреварот играше како десен бек, потег на предводникот на „коцкестите“, Лино Червар, кој не му се допадна на неговиот сонародник, Ивица Обрван. Колку за потсетување, двајцата се поранешни селектори на Македонија.

„Ако тимот ти е составен од најдобрите играчи или од најпотребните и на првиот натпревар имаш два одлични десни бека, од кои Мартиновиќ имаше 3/3, сосема нелогично е да седи на клупа и неговото место да го пополни Чупиќ. Тој е одлично десно крило, тоа го покажа многупати, но мислам дека првиот натпревар на првенството против тим кој не е поквалитетет од вас испраќаш погрешна порака до своите десни бекови“, вели Обрван.

Одговорот на Червар се очекува по пресметката на Хрватска и Ангола, која се игра денес со почеток од 18 часот.