Два меча за 24 часа - Рајн-Некар ќе прегрее! Во Барселона ќе прати втора постава?!

Екипата на Филип Талески в ноември ќе се соочи со тешка ситуација, ќе одигра два меча за 24 часа и тоа двата важни, во Лигата на шампионите и во германското првенство. 

На 11 ноември во 18 часот играат првенствен дуел со Лајпциг, а на 12 ноември од 19 часот се соочуваат со Барселона во Лигата на шампионите. Раководството на „лавовите“ уште сега се жали, велејќи дека никогаш не се сретнале со ситуација кога мора да играат два важни меча во олку кратко време.

„Два меча во два дена, без регенерација и без подготовка не сме имале во минатото. Овде, очигледно, надминати се границите и ние не можеме да го прифатиме ова“, вели директорот на клубот, некогашниот репрезентативец на Германија, Оливер Рогиш.

Да не се строгите санкции, Рајн-Некар можеби и би го откажал натпреварот во Барселона, имајќи предвид дека веќе неколку сезони наназад има ставено до знаење оти Бундеслигата е приоритет пред ЛШ. Затоа, како можно решение се спомнува опцијата да отпатуваат за Барселона со втор или барем комбиниран состав. Тука лежи шансата на нашиот Филип Талески да добие поголема минутажа. 

Во последниот натпревар, со Висла, тој воопшто не играше, а во Бундеслигата има само еден постигнат гол во четири одиграни кола. Можеби Николај Јакобсен ќе се смилува и ќе му овозможи на македонскиот бисер да блесне токму на сериозно гостување како Барселона. Сепак, од клубот велат дека треба добро да се испланира маневарот како да се стигне од Лајпциг во Барселона за една ноќ. Олеснување е тоа што има авионска линија меѓу двата града.