Душебаев со свирежот на сирената донесе реми за Кјелце кај Кил (ВИДЕО)

Во дербито на премиерното коло во Лигата на шампиони, Кил и Кјелце одиграа со резултат 30-30 и тоа благодарение на голот на Алекс Душебаев во последната секунда од натпреварот. 

Германскиот тим имаше предност од два гола во финишот, но успеа да прокоцка чиста победа. Миха Зарабец шутираше кон голот на Полјаците на десетина секунди до крајот при еден гол предност, а Волф фантастично одбрани. Тоа отвори шанса за Кјелце и имаше четири секунди за последниот напад. Алекс Душебаев буквално во последната секунда биеше кон голот на Никлас Ландин и успеа да погодои за конечни 30-30.

Токму Душебаев со пет голови беше најефикасен кај гостите, колку што постигна и Кулеш. Кај Кил, најдобар беше Никола Билик со седум голови, додека Вајнхолд постигна пет. 

Во рамки на групата Б, ова реми можеби е и најдобар резултат за нашиот Вардар, кој сезоната вчера ја почна со победа на гости кај Монпелје.