Драмата во Кристијанштад: Ќосевски промаши зицер, Мансон ја запечати судбината на Вардар (ВИДЕО)

Поранешниот европски шампион Вардар имаше огромна шанса да направи голем чекор кон пласман во нокаут фазата од ЕХФ Европската лига, синоќа на гостувањето кај Кристијанштад во истоимениот град.

Иако постојано беше во негатива, македонскиот тим во финишот доби шанса за победа и два пати се најде во водство од еден гол разлика. Расплетот се случи во последната минута во која многу лесно можеше бодовите да заминат за Скопје.

Во финалните 60 секунди се влезе со израмнет резултат (31-31) со тоа што Вардар имаше напад. По одличната акција, топката дојде на десната крилна позиција каде осамен беше Ален Ќосевски и тој можеше да донесе водство, можеби и победа за Вардар. За жал, голманот на Кристијанштад, Хајдер Ал Кафаџи го одбрани неговиот удар, за потоа, на осум секунди пред крајот, Аксел Мансон да постигне гол за триумф на шведскиот тим.

И покрај поразот, Вардар има реални шанси да се пласира во следната фаза од Европската лига. Во вториот дел од групниот сегмент ги пречекува Кристијанштад и Тулуз, а гостува кај Сесвете и реално е да се очекува да освои максимални шест бода.