Ракометарите на Вардар првпат загубија во новата сезона и тоа на теренот кој нигкоаш не го освоиле - „Хала легионов“ во Кјелце. Во драматичен меч, со тензија и многу грешки, тимот предводен од Талант Душебаев ги совлада вардарци со 31-27.

И во четвртата посета на Кјелце Вардар се враќа поразен, овој пат со највисоки досега, четири разлика, кои произлегоа по многу драма. Уште од почетоко Кјелце се обиде да го скрши Вардар, да најде каде е ранлив и рано да направи разлика, меѓутоа не му успеваше. Иако водеше со 8-4, 10-6, вардарци постојано успеваа да најдат начин да се вратат, со брзата игра, со неколку интервенции на Милосављев и со присебност во реализацијата. 

Не ги размрда ниту моментот, кој, непоправливо го хендикепира Вардар. Во 14. минута Вуко Борозан несмасно го удри Михал Јурецки и доби директно исклучување. Сепак, водството не порасна повеќе од четири разлика и на паузата беше 16-15 за Кјелце.

По само неколку миунти во вториот дел - нова драма. Шишкарев и Душебаев беа во дуел, а поранешниот вардарец наседна, па нервозно го оттурна Русинот, поради што и тој заработи црвен картон. Меѓутоа, Кјелце не само што не го почувствува неговото отсуство, туку во следните минути создаде клучна предност. Вардарци почнаа претерано да грешат во нападот, губеа топки многу лесно, а Полјаците беа доволно присебни да го искористат подарокот со брзи контри.

Разликата до крајот беше постојано од три до пет разлика и Кјелце успеа да му го нанесе првиот пораз на Вардар. Во отсуство на Душебаев, локомотива на Кјелце беше Лука Циндриќ, кој беше прв стрелец на мечот со осум гола. По шест постигнаа Тимур Дибиров и Сташ Скубе. Сега Кјелце се израмни со Вардар со по осум бода, но толку има и Барселона, која е прва, поради најдобра гол-разлика. Следен меч за Вардар е Мешков Брест, во Скопје на 3 ноември.