Добар противник за Пролет, невозможна мисија за Металург

Македонските ракометни екипи во помалите натпреварувања на ЕХФ денеска ги дознаа противниците. Сите освен Еурофарм Работник добија домашни задачи и ќе се подготвуваат за есенските настапи.

Македонија ќе има два претставника во машкиот ЕХФ-куп, второто по важност натпреварување по Лигата на шампионите, но денеска само Пролет доби противник. Во второто квалификациско коло ќе игра против Карвина од Чешка. Тоа е шампионот на оваа држава, кој, можеби е поповолен избор од Винтертур, СКА Минск, Рибница или Доброгеа Констанца, но сепак е апсолутен фаворит против македонскиот суперлигаш.

Ако Пролет направи изненадување и ја мине Карвина, тогаш ќе игра во третото квалификациско коло, каде што чека и Еурофарм Работник. Во друштво на Кил, Фуксе Берлин, Магдебург, Хановер, Ла Риоха...битолскиот тим ќе биде носител во таа рунда и ќе биде на два меча до пласман во групната фаза. Сепак, ждрепката за тие двојки ќе се врши на есен, откако ќе бидат одиграни првото и второто квалификациско коло од ЕХФ-купот. Пролет ќе игра прво како гостин на 6 или 7 октомври, а еден викенд потоа ќе ја пречека Карвина.

Уште помалку среќа имаше женскиот претставник на Македонија во ЕХФ-купот, екипата на Металург. Таа ќе игра со Иси Париз, еден од тимовите кои се засилува и кој планира долго да остане во ова натпреварување. Металург е со млад состав, без амбиции, така што овде епилогот е предвидлив. Победникот од оваа двојка, во второто квалификациско коло од ЕХФ-купот ќе игра со Нант.

ЖРК Пелистер и ЖРК Куманово се двата наши претставника во женскиот Челинџ-куп, а во денешната ждрепка во Виена влегоа со различни позиции. Пелистер како носител го доби Ла Сале од Малта, а Куманово како аутсајдер ќе му се спротивстави на Хеониус од Холандија. Овие натпревари се играат во средината на ноември.

 

ЕХФ-Куп мажи, 2. квалификациско коло (06/07-13/14 октомври): Карвина (Чешка) - Пролет

ЕХФ-Куп жени, 1. квалификациско коло (08/09-15/16 септември): Металург - Иси Париз (Франција)

Челинџ-куп жени, 3. квалификациско коло (10/11-17/18 ноември): Ла Сале (Малта) - Пелистер, Куманово - Хеониус (Хол)