Доаѓа Веспрем, Вардар како никогаш аутсајдер во својот дом

Како никогаш во последниве три години, Вардар влегува како подреден тим пред својата публика, во еден натпревар од Лигата на шампионите. Гостува Веспрем (17.00), европскиот вицепрвак, кој е многу поблиску до своето ниво од „Ланксес арена“ од јуни, отколку европскиот шампион.

Ќе биде чудо ако Вардар остане непоразен, мора да се биде храбар и да се констатира тоа, со оглед на проблемите со кои се соочува. Екипата и понатаму е „крпена“, со неколку важни отсустни играчи, одбраната импровизирана и само индивидуалните квалитети на играчите се тие кои оставаат надеж дека може да се случи чудо против Веспрем.

Унгарскиот тим исто така имаше киксови оваа сезона, како на пример поразот од Кил на домашен терен, меѓутоа дава знаци дека се враќа во нормала, како на пример победата над Кјелце во минатата рунда. Влезен е во серија од осум победи во ЛШ, СЕХА и во домашното првенствои последниот неуспех му датира од 2 ноември, кога загуби во Кјелце со минимални 33-34.

Затоа заслужено го држи второто место со 12 бода и во ситуација кога Монпелје вчера загуби несомнено доаѓа во Скопје да освои бодови со кои ем ќе направи разлика на втората позиција, ем ќе го продолжи ловот на лидерот Кил, кој сега е на 16 бода.

На Веспрем не му е ново и страно да победи во Скопје, веќе трипати славел во „Јане Сандански“ во ЛШ, а последниот е во февруари, во групната фаза од минатата сезона, но сега како мотив ќе ја има и желбата за реванш за загубеното финале во Келн.