Дибиров: Со Кристијанштад ако малку ни падне концентрација - готови сме!

Вардар в сабота првпат во новата сезона ќе ги отвори вратите на „Јане Сандански“ за европски натпревар, а желбата е победа, особено што противникот не дозволува кикс.

Црвено-црните ќе се пресметаат со Кристијанштад, најслабиот противник во групата А на хартија, но тоа значи и обврска повеќе. Никој не сака да киксне на првиот домашен натпревар, уште помалку кога има улога на фаворит.

„Натпреварот со Кристијанштад ќе биде многу важен за нас, бидејќи ни е прв во Скопје, во Лигата на шампионите. Згора на тоа играме против добра екипа. Оваа сезона сите тимови во нашата група се добри. Ќе биде долга групна фаза, ќе биде тешко, а ние ќе се обидеме да сме подготвени. Мора да играме борбено против Кристијанштад со висок интензитет и да направиме се што е потребно за да освоиме уште една победа“, вели тренерот Парондо.

Увертирата, против Монпелје беше како од соништата (победа 27-24), но вардарци се доволни искусни да му одолеат на занесот и со цврсти нозе да го пречекаат натпреварот што следи, а не да се сеќаваат на претходниот.

„Веќе го заборавивме првиот натпревар со Монпелје, таа победа, бидејќи нам најважен ни е секој следен натпревар. Не гледаме зад нас. Сакаме да го победиме Кристијанштад, тоа е добра екипа со искуство од 5-6 сезони во ЛШ, затоа не смееме да го потцениме. И лани имавме проблем со оваа екипа, затоа што играат малку, не чуден, ама различен ракомет споредено со другите. Играат со голем интензитет, со брзи контранапади, со голови, така што, ако малку ви падне концентрација - готови сте. Се сеќавам како лани губеа од Кристијанштад и Рајн-Некар и Пик Сегед, така што, како стојат работите, овие бодови ќе бидат многу важни на крајот од групната фаза. Затоа не смееме да направиме кикс, со голема почит кон Кристијанштад, сакаме да победиме пред својата публика“, вели Дибиров.

Кристијанштад во првото коло се држеше добро, но загуби дома од Мешков Брест со 30-32. Секогаш знае да му ги замрси сметките на некој фаворит. Така поминаа Пик Сегед, Рајн-Некар и секој што мисли дека недостатокот на големи имиња е пресуден. Бардар има серија од шест победи со Швеѓаните, но Дибиров вели, секоја серија има крај.

„Знате што е лошо, секоја серија мора да заврши, затоа ние во главата имаме дека следниот натпревар можеби е последен во таа серија. Секој натпревар против Кристијанштад е уште потежок и потежок, бидејќи тие веќе добро не знаат. Ако се сеќавате ние имавме серија и со Монпелје, 5-0 или 6-0, но не победија еднаш и тоа токму на фајналфорот во Келн, па беше најболно. Така што, не сакаме да се повтори истото, потоа да се жалиме како можевме да загубиме важни бодови дома. Мора сериозно да си сфатиме, да влеземе во натпреварот со концентрација од прва до последна минута, зашто секоја грешка може многу да чини“, дополни привремениот капитен.

Натпреварот се игра в сабота, во 17.30.