Дибиров: Ние имаме победнички менталитет, но Загреб може против секого!

Вардар отпатува по најважната победа досега во сезоната 2018/19 во Лигата на шампионите. Утревечер од 20.30 часот истрча во „Арена“ во Загреб за да се соочи со хрватскиот шампион, во првиот осминафинален дуел. Во екипата го нема само долго повредениот Сергеј Горбок. Шансите за успех се големи, но тоа не значи дека треба да се влезе без респект, размислува Тимур Дибиров.

Противникот е познат, играчите исто така, па дури и новиот тренер, Бранко Тамше, кој до лани го водеше Целје. Вардар знае со кого и со колку сериозен предизвик се соочува, без разлика што во овој двомеч екипите влегоа како „втор против петтопласиран“. Загреб веќе еднаш ги победи црвено-црните (26-23 во СЕХА) и речиси редовно го победува, барем еднаш во сезоната неколку години наназад. Оттука, овој меч никако нема да биде сфатен несериозно, вели Тимур Дибиров.

„Имаме голем респект за екипата на Загреб, затоа што секоја година го покажува квалитетот, игра во елиминациите во ЛШ, има многу добри играчи и, сега, нов тренер. Со него играат побрз ракомет, така што очекуваме тешки два натпревара, нема да биде лесно“, истакна крилото, еден од носителите на играта.

Загреб до последните кола трепереше за пласман во осминафиналето, меѓутоа одигра неколку натпревари кои од старт го анулираат епитетот фаворит. И Дибиров не сака да го нарекува Вардар така, без разлика што тој имаше девет победи во групната фаза, а Загреб четири. Секој играл тешко во „Арена“, така ќе му биде и на Вардар, но она шо го теши Дибиров е веќе всадениот победнички менталитет.

„Во оваа фаза од Лигата на шампионите, по мое мислење, нема фаворити и аутсајдери, затоа што тука најважната улога ја играат карактерот, посветеноста на тренинзи и желбата. Кај екипата на Загреб секогаш бил предност тој карактер, играат докрај. И оваа година покажаа дека имаат квалитет, дека можат да се носат со секого, без разлика дали е фаворит. Што се однесува, ние веќе навикнавме да го играме овој плејоф-сегмент докрај и, можеби, во нашата глава најсилна страна е тоа што ние имаме победнички квалитет. Дури и кога играме лошо, тоа секогаш ни помага, зашто најважното е да се има тимски дух, тимски карактер. Нема врска дали денеска кој денеска игра добро или лошо, ние сме победувале. Меѓутоа, во вакви нокаут-двобои може се да се случи и затоа мора да се игра со голем респект, каков што имаме ние кон Загреб.“, размилсува Русинот.

Екипата веќе е во хрватската престолнина, а во составот го нема само Сергеј Горбок, кој тренира, но уште не е целосно вратен по операцијата на предните вкрстени лигаменти. Не е на 100 проценти од можностите ниту Вуко Борозан, но ќе биде во комбинација да помогне, ако е тоа потребно. Реваншот во Скопје се игра на 30 март, а ако Вардар излезе како вкупен победник против Загреб, во четвртфиналето ќе игра со подобриот од Пик Сегед - Висла Плоцк.