Дибиров: Нема да си заминам ако Вардар остане силен!

По најавениот егзодус на ракометарите на Вардар, од кои голем број веќе најдоа нов ангажман за следната сезона, полека доаѓаат и добри вести за навивачите на црвено-црните односно изјави на подготвеност да се остане во клубот без разлика на најавеното заминување на сегашниот спонзор, Сергеј Самсоненко.

Еден од тие што сѐ уште чекаат разврска и не брзаат со наоѓање нов клуб е рускиот ветеран Тимур Дибиров, кој потенцира дека сака да остане во „Јане Сандански“, но само ако добие гаранција за продолжување на сегашната успешна приказна во европски рамки.

„Многу сакам да останам во Скопје и сакам да се случи најдоброто сценарио за клубот. Но, многу работи треба да се искристализираат за да се случи тоа. Моја желба е да останам во Вардар, но доколку сите си заминат - тренери, управа, играчи, како тогаш јас сам да останам. Треба многу коцки да се наредат за клубот да остане на истото ниво, што е моја голема желба, поради што сѐ уште немам потпишано со друг клуб. Вардар е на прво место кај мене и затоа чекам информација. Доколку ми кажат: 'Тимур, сѐ е во ред, Вардар и понатаму ќе биде силен', тогаш подготвен сум да кажам ДА и да останам“, вели Дибиров.

Пред извесно време во јавноста излезе почесниот претседател на клубот, Михајло Михајловски, кој објави дека добил ветувања од еминентни фирми од државата за вклучување во проектот за спас на Вардар. Поради тоа, тој од играчите побарал да не брзаат со земањето исписници. Како рок за повеќе детали беше посочен 14 мај, но оттогаш минаа десет дена во кои не се случи ништо друго во врска со оваа иницијатива.

Без разлика на ваквите турбуленции, црвено-црните деновиве напорно се подготвуваат за претстојниот фајналфор-турнир во Келн (1 и 2 јуни) на кој ќе пробаат да дојдат до втората европска титула. Полуфинален противник ќе им биде Барселона, додека во вториот дуел силите ќе ги одмерат Веспрем и Кјелце.