Дибиров е најдобро лево крило, дури и Марсениќ стигна меѓу најатрактивните! (ВИДЕО)

Победата на Вардар против Пик Сегед (34-30), можеби не беше импресивна на око како многу други оваа сезона, меѓутоа сигурно имаше поединци и моменти кои заслужија да добијат место во ЕХФ-магазинот на најдобрите и најатрактивните.

Уште кога ќе го видите записникот и во него 11 гола до името на Тимур Дибиров, нема дилеми - тој е најдоброто лево крило во 12. коло од Лигата на шампионите. Згора на тоа, овие 11 гола ги постигна од 12 удари и дури девет од нив се голови од игра.

Друштво на Дибиров во идеалните седум на колото му прават Момир Илиќ (Веспрем), Раул Ентрериос (Барселона), Албин Лагергрен (Кристијанштад), Никлас Екберг (Алборг), Игор Анич (Целје), Родриго Коралес (ПСЖ).

Но, Дибиров не е сам меѓу избраните, туку има уште еден вардарец. Не го гледаме често, но овој пат Мијајло Марсениќ заслужи да има еден од петте најатрактивни гола. Неговата вртенка и тоа во паѓање е уште повредна ако се знае дека ја прави пивот, тешкаш од 202 сантиметра, за кого техниката и не мора да е јака страна. Сепак, тој го покажа спротивното добивајќи признание за втор најубав гол ова коло. Подобар од него е само Угалде, како егзекутор на цепелин на Веспрем.

Најатрактивната одбрана, пак, ова коло ја има Урх Кастелиц, голманот на Загреб кој запре контра во последната минута и го спречи Нант да изедначи, а со тоа му помогна и на Вардар.