Дебакл на Хрватска: Црна Гора ги понижи „каубоите“

Црна Гора продолжи со одличните настапи на Европското првенство (ЕП) во ракомет, па така вечерва ја запиша првата победа во втората фаза од натпреварување, и тоа убедливо против фаворитот Хрватска со 32-26, додека Шведска ја совлада Русија со 29-23.

„Каубоите“ единственото водство на натпреварот го имаа на самиот старт (1-0), но потоа Црногорците со помош на Милош Вујовиќ и Васко Шеваљевиќ создадоа предност од три разлика (6-3).

Хрватска се обиде да го врати мечот во резултатска неизвесност, но не успеа да намали на помалку од два гола негатива (9-11), по што во завршницата следеше експлозија на Вујовиќ кој им помогна на своите сонародници да заминат на пауза со 15-9.

Црна Гора го одржуваше водството од шест голови во текот на второто полувреме, а нивната предност во еден момент достигна 28-20, но „каубоите“ во завршницата успеаа да намалат на шест гола (26-32).

Најдобри во победничката екипа беа Милош Вујовиќ и Бранко Вујовиќ со по седум голови, додека кај Хрватска најефикасен беше Иван Чупиќ со седум погодоци.

Шведска ја изненади Русија во првиот меч од втора фаза со 29-23 и така се вклучи во битката за топ-3 позициите во групата.