Цвијиќ: Луѓе, уживање е да се игра во ваква екипа!

Фуриозната прва фаза за Вардар во Лигата на шампионите заврши со сигурниот триумф против Турингер (29-21), а како и во сите шест, така и на овој меч важен фактор беше Драгана Цвијиќ.

Српскиот пивот постигна два гола од два обида, изнуде два пенала и беше главна алка во одбраната. Таа и онака важеше за најдобар пивот на светот, а откако дојде од Будуќност во Вардар како да се препороди.

„Сите ме прифатија добро и сите играат одлично ракомет. Јас никогаш во кариерата не сум играла со тројка бекови кои сите напаѓаат. Некогаш се тие, некогаш сум јас. Згора на тоа, веќе играв заедно со Лекиќ, Пенезиќ, Лазовиќ во Крим. Луѓе, навистина е уживање да се игра покрај вакви ракометарки“, рече Цвијиќ.

За целокупниот настап на Вардар во оваа сезона, пак, рече дека најдоброто допрва доаѓа.

„Сигурно дека ова не е најдоброто од Вардар и дека може многу повеќе. Ни се приклучи Парондо како уште еден тренер, одлично се вклопи и со него играта треба да биде уште подобра“, додаде пивотот, кој досега има 21 гол во ЛШ.

Не сакаше да коментира за натпреварот, но затоа се заблагодари за најполните трибини досега оваа сезона.

„Сакам да и се заблагодарам на публиката што дојде во олкав број. Задоволство е да се игра во ваква атмосфера и би сакала да биде вака постојано во натпреварите од февруари натаму“, заврши Цвијиќ.