Циндриќ и Душебаев откриваат тајни: Овој Вардар игра ист стил како во наше време!

Секој нов натпревар во Лигата на шампионите за Вардар беше потежок и потежок, а сега, пред петтото коло никој не може да каже поинаку, затоа што црвено-црните гостуваат на терен кој никогаш не го освоиле. Перфектниот скор од четири победи, Роберто Парондо и ракометарите ќе се обидат да го одржат во Кјелце, денеска од 17 часот.

Вардар трипати гостувал во Кјелце и ниеднаш не успеал да откине ниту бод. Точно, секој од трите порази беше изразен тесно (двапати три и еднаш два разлика), меѓутоа полскиот шампион секогаш имал некоја нијанса која надвладеала. Овој пат нивна предност треба да бидат двајцата „довчерашни“ вардарци, Алекс Душебаев и Лука Циндриќ.

Шпанецот си замина од Скопје веднаш по освоената титула, во 2017 година, а Циндриќ играше до пролетва 2018. Иако голем број играчи си заминаа, познато им е јадрото на тимот, а како што вели Душебаев, го знаат и стилот на играта, кој не е многу сменет и покрај доаѓањето на Роберто Парондо.

„Откако си заминав, многу работи се сменети, тоа е нормално за секој тим, меѓутоа мислам дека стилот кој го негуваат е истиот од претходно. Сега играат на високо ниво, тие се единсрвениот тим во нашата група со максимален број поени. Реков, стилот не им е сменет, но има некои промени во играта. На пример, можеби имаат поцврста одбрана. Благодарение на голманот често играат брз центар, кога бев јас повеќе игравме позиционен напад. Сепак, ова е еден од најдобрите тимови во Европа, затоа ние не смееме да правиме грешки, особено не во нападот, за да не им дозволиме да трчаат во контра. Во позиционен напад веројатно и не се толку добри, кога тогаш ќе им падне темпото. Нашата одбрана исто така е важна, но ако не правиме глупави грешки во нападот, ќе имаме големи шанси да го добиеме овој меч“, вели Душебаев.

Циндриќ се согласува откривајќи дека контрата на Вардар е најсилното оружје.

„Вардар е најдобар во контранападите, затоа мора да играме мудро и едноставно да не им дозволуваме да истрчаат напред“, истакнува хрватскиот плејмејкер.

Токму тие двајца ќе бидат главната опасност во нападот на Кјелце, Циндриќ е секогаш незапирлив, а Душебаев беше прогласен за најдобар ракометар во ЛШ во септември. Парондо ќе има еден адут помалку во против-играта за нив двајца, недостасува Рожерио Мораес, кој е многу корисен и во напад и во одбрана. Во високата зона сега ќе покраива Глеб Калараш, вториот пикер покрај реконвалесцентниот Стојанче Стоилов. Во тимот е и вториот голман, Гебдане Калифа, а на располагање е и Вуко Борозан и покрај проблемите со коленото.

Вардар влегува во мечов со осум бода, Кјелце има шест, па ако македонскиот тим победи во Полска, ќе биде убедлив на првото место, пред паузата за репрезентации.