Чупиќ: Како понатаму? И секако и никако!

Шампионската генерација на Вардар ја заврши својата приказна, за жал со два пораза, сепак на највисоката можна сцена, на Ф4-турнирот во Келн. Црвено-црните момци двапати загубија со по еден разлика, само како иронично потсетување на минатата сезона, кога во сличен манир ја покорија Европа. Сигурно и ќе беше убаво Раул, Штербик, Абутовиќ...да се простат со победа, но ќе мора да црпат спомени од пред 12 месеци, за да го потиснат и вчерашниот неуспех со Монпелје и овој денешниов, со ПСЖ за трето место.

Од Келн, ВЛАДКО АРСОВ

ФОТО: РОБЕРТ АТАНАСОВСКИ

Не е дека не сакаа, напротив, играа со очигледен жар, се бореа, дефинитивно беа подобри отколку на вчерашното полуфинале, но не успеаја. Концентрацијата падна и ПСЖ славеше со 29-28, правејќи мала одмазда за ланскиот трагичен пораз во финалето. Иван Чупиќ вели дека на крај им пресудиле ситници во клучните моменти, веројатно и пад на концентрацијата.

„Игравме добро и ние и тие, беше добар натпревар, иако е за трето место. Ние бевме добри и во одбрана и во напад, функционираше, речиси сè, доста трчавме, ама трчаа и тие. Пред крајот малку останавме без сила, попушти и концентрацијата во одбрана, можеби токму тогаш се почувствува дека тие вчера играа неколку часа пред нас. Затоа снемавме концентрација во клучните минути, имавме неколку лоши одлуки, една-две топки ни побегнаа, па јас и го утнав тој важен пенал во финишот, така што...од сè по малку на крајот. Сепак и оваа година покажавме дека сме на високо ниво, дека можеме да се биеме со најдобрите, но еве, на два меча сега останавме кратки за два гола и жал ни е. Ова е една голема генерација, еден голем Вардар, кој долго време беше заедно. Сега некои работи ќе се сменат. Сакавме да се простиме со победа, дадовме сè што можевте, но тоа е, таков е спортот“, сумира хрватското крило.

Играчите најдобро знаат како им е, но од страна изгледаше дека, ако играа на ова ниво вчера против Монпелје викендов ќе изгледаше поинаку. Тешко е да се прават такви хипотетички споредби, зашто два различни меча се како две посебни димензии од реалноста, меѓутоа Чупиќ има објаснување зошто денеска нозете беа полесни.

„Видете, полуфиналињата никогаш не се привлечни, па и финалињата. Овие натпревари за трето место многу почесто се убавици. Можеби затоа што се игра порастоварено. Не дека ти е сеедно, но го нема тоа исчекување, таа драма и тактика. Во полуфиналето има многу повеќе емоции, а малку глава, додека натпреварите за трето место ги играте на свежина, на „дали ви е денот“. Ако тргне – добро. Ако не – што е, тука е. Можеби во тоа лежи тајната. Сакавме да успееме, многу се подготвувавме, ама за жал вака излезе. Арпад кој е четири години овде не можеше да се прости како што треба. Абутовиќ, кој е седум години овде не можеше да се прости со последен натпревар. За жал тие својот последен меч го одиграа вчера. Ама ќе повторам – тоа е спортот. Лани имавме среќа, овој пат нешто помалку“, рече Чупиќ, потсетувајќи на тажната реалност и обврската за збогум со неколку асови.

Публиката навикна на овие имиња, особено таквите како Штербик, кои се планетарни величини, но и на меките души како Абутовиќ, кој кротко, но со непоправлива верност му служеше на црвено-црниот амблем уште пред ерата на Сергеј Самсоненко. Можеби е и до луѓето, кои знаат да препознаат херои и на кои малку им треба за вивнат во еуфорија. Штета е на овие простори да нема тим кој ќе се докажува со остатокот од Европа на паркетот во Келн, вели Чупиќ.

„Македонија е мала земја, Вардар е голем клуб, но го претставувавме Балканот достојно и минатата година и оваа и видовме дека Вардар е еден од најголемите во Европа. До душа, за мене ако не сум прв ништо друго не ми е доволно, а такви се и моите соиграчи. Сепак мислам дека ова е голема работа и за Македонија и за балканскиот ракомет и јас се надевам дека и во наредните години ќе остане традиција дека, барем, по еден балкански клуб ќе оди во Келн. Нашиот ракомет е препознатлив, има многу добри играчи од Балканот и со малку вакви луѓе како што се Зоран Гобац, Сергеј Самсоненко, мислам дека ракометот на Балканот треба да опстане и дека не мора баш сè да биде во финансиите“, размислува крилото, кое лани го имаше тој магичен допир за титула.

Како и многу други соиграчи во кариерата, ќе се поздрави и со Македа, Кањелјас, Циндриќ, Абутовиќ, Марсениќ, Штербик, Раул... Тој е еден од тие кои остануваат. Ќе ја водат борбата со минатите, пославни сезони и ќе ги носат товарот на очекувањата на јавноста. Како од идната сезона, Иване?

„Па...и никако и секако. Почнуваме од почеток. И кога ќе освоиш и кога нема да освоиш почнуваш од нула. Ова ќе го заборавиме, барем ние играчите, ќе се ресетираме. Идната сезона имаме нова екипа, нов тренер. Имаме обврска кон нас самите, кон навивачите и кон овој дрес. Идната година ќе биде тешка како секоја, кој знае, можеби ќе влеземе порастоварени и полабави од оваа, но веќе самите на себеси ја кренавме летвичката високо низ овие сезони. Сакаме да го претставуваме Вардар и самите себе во најдобро светло. Верувам дека, ако малку имаме среќа и ако нè заобиколат повредите ќе можеме да играме и да се бориме со секого. Тоа е она што луѓето го сакаат и што го препознаваат. Е сега, некогаш ќе има полоши, некогаш подобри денови“, доврши Чупиќ.

Секое време си носи своја убавина, па сигурно и тој подновен, поткусен, изменет Вардар ќе знае да израдува. Овој си го зеде своето парче слава и ја заврши задачата - да ја израдува Македонија и да ја качи меѓу земјите кои некогаш господареле со Европа.