Брестовац: Очекувам да победиме со Бешикташ!

Металург ги почна подготовките пред дуелот во второто коло од Лигата на шампиони (ЛШ) против Бешикташ, кој се игра на 23. септември.

Пред дуелот зборуваше тренерот на екипата, Данило Брестовац, кој кажа дека подготовките се подготвени и дека со паметна игра може да се стигне до добар резултат против Бешикташ.

„Почнавме со подготовки за Бешикташ со видео анализи. Конечно сме комплетни, работиме добро. Моите очекувања се дека ќе победиме, ќе се обидеме да одиграме добар натпревар, но не само 30 минути како на претходните натпревари. Ќе можеме и да одмораме некои играчи и да имаме потоа свежи во моментите на решавање на мечот. Треба да се вклопат коцките и на овој дуел, ситни повреди ги мачат дел од ракометарите, но тоа не е алиби. Со помош на публиката, со мотивација на терен, со добра и паметна игра во напад, мислам дека можеме да стигнеме до добар резултат“, вели Брестовац.

Од друга страна, Мартин Велковски кажа дека вториот дуел во ЛШ очекува тесен натпревар против Бешикташ, но добар резултат би било и доколку освојат барем еден бод.

„Во ЛШ нема лесен дуел бидејќи е на едно ниво погоре од СЕХА лигата. Бешикташ е искусен тим кој подолго време игра заедно. Видовме дека Татран Прешов ги победи во Турција, сме играле со нив неколку пати, секогаш имало тесни натпревари, се надевам дека ако ништо друго ќе освоиме барем бод“, вели Велковски.

Инаку, екипата од Автокоманда во првото коло запиша убедлив пораз од Спортинг со 26-34.