Брестовац: Не нѐ надиграа, но имавме проблеми со реализацијата!

Металург загуби шести пат во Лигата на шампионите, овој пат од Спортинг со 24-31. На 12 минути до крајот резултатот беше само еден негатива за македонскиот вицепрвак, но Металург до крајот постигна само еден гол. Тука ја најде причината за пораз и тренерот Данило Брестовац.

Брестовац вели дека Металург не заостанувал многу зад играта зад Спортинг, дури и дека не бил надигран, но проблем била реализацијата. За тоа помогна и противничкиот голман, Матевж Скок, кој имаше 18 одбрани, од кои 13 во вториот дел.

„Честитки за Спортинг, посебно за Скок кој имаше одличен натпревар. Мислам дека не нѐ надиграа, во овие два дена добро се подготвивме за мечот. Лично, за мене Спортинг има една од најубавите игри во нашата група во ЛШ. Ниту Татран, ниту Чеховски не даваат такви сигнали. Проблемот кај нас беше реализацијата. Млада екипа сме, мора и да бидеме агресивни во одбраната. Во моменти добро делувавме, но, сепак, пресуди таа реализација која беше на очајно ниво, посебно во второто полувреме. Ако ја бараме причината, во пет дена играме трет натпревар, но нема алиби. Од утре се враќаме на тренинзите. Четириесет и пет минути игравме меч со висок ритам и држевме контрола, сепак имаме уште многу за работа, имаме доволно време да се подготвиме за македонското првенство“, рече Брестовац.

Одличен беше и Мартин Томовски, со 17 одбрани, но тоа не донесе многу ефект во крајниот резултат.

 

„Противникот одигра на едно високо ниво. Ние отворивме одлично, имавме и предност во првото полувреме, но во вториот дел кога беше најпотребно промашувавме отворени зицери. Исто така, одличен ден имаше и противничкиот голман Скок. Спортинг ги искористи нашите слабости во клучните моменти и го приведоа мечот кон своја корист. Разликата можеби е висока, но резултатот не ги отсликува настаните на теренот и нашата игра“, рече Томовски.