Борозан и Мораес се враќаат за Веспрем, победа за Вардар значи второ место!

„Јане Сандански“ вечерва (17.30) ќе го вгости мечот на 12. коло во Лигата на шампионите, меѓу Вардар и Веспрем. Македонскиот шампион влегува со шанса да го зацврсти второто место и, речиси, да го осигура до крајот на групната фаза. Добра вест за овој натпревар е тоа што Вуко Борозан и Рожерио Мораес, кои имаа тешки операции есента сега се во составот.

Веспрем е еден од најтешките противници за Вардар, откако редовно настапува во Лигата на шампионите, меѓутоа и таа лоша традиција заврши во септември, кога црвено-црните славеа со 27-25 во Унгарија. Тоа беше незамисливо досега, но вардарци уште тогаш ја истакнаа кандидатурата за што повисока позиција во групата А и таа трае уште.

Првото место е, речиси, сигурно на Барселона, но затоа Вардар може да го обезбеди второто ако денеска слави против Веспрем. Има 15 бода, еден повеќе од Унгарците и од Кјелце, но сигурност даваат преостанатите два меча до крајот, дома со Монпелје и на гости со Кристијанштад.

Впечатокот, кој го остави Вардар во првото „пролетно“ коло, на гости кај Рајн-Некар гарантира атак на бодовите и вечерва, без разлика што Веспрем е во нагорна форма, за што сведочи и победата над Барса во последново коло. 

Како дополнување на таа позитивна вардарова слика од Манхајм сега треба да бидат Вуко Борозан и Рожерио Мораес. Ги оперираа колената во распон од десет дена во ноември, но еве, три месеца подоцна застанаа во строј, без разлика колку се подготвени да придонесат.

Ова ќе биде натпревар број 300 за Веспрем во ЛШ, шести против Вардар, а во двете гостувања досега во „Јане Сандански“ забележа победи.