Бивш колега на Манасков: Плаќавме казни од 20 евра ако зборуваме на српски

Еден од најдобрите ракометари во Европа, Петар Ненадиќ откри необични детали од животот и правила со кои се соочувал во текот на неговата кариера.

Српскиот ракометар во моментов настапува во унгарски Веспрем, а неодамна на гостување во една емисија зборуваше за неговиот престој во Берлин, каде што од 2014 до 2017 година играше за Фуксе.

„Во Германија, односно Берлин, каде што бев четири години, имавме обврска да го научиме јазикот за три месеци. Во првите три месеци можевте да зборувате и на друг јазик, но потоа само на германски“, кажа Ненадиќ.

Постоел само еден исклучок кога е дозволен англиски јазик, а клубот бил строг и ги казнувал сите прекршоци.

„Единствено на тајм-аут тренерот можеше да ја објасни тактиката на англиски. Ако по првите три месеци зборувавме на друг јазик, како јас на српски, тогаш си плаќавме казни по 20 евра“, вели ракометарот.