Битолчани оптимисти: Нека е Хановер фаворит, ние нема да извадиме бело знаме!

По неколку години, Македонија повторно има трета машка екипа во европските купови која издржа неколку натпревари. Еурофарм работник вечерва ќе дебитира во групниот сегмент од ЕХФ-купот како класичен аутсајдер во групата со Хановер, Нексе и со Татабања. Првиот меч е вечерва од 19.30 часот, против бундеслигашот.

Во ваква ситуација, веројатно, сеедно е со кого ќе почнете, па средбата против фаворитот Хановер, во првото коло може да му донесе само добро на Е. Работник. Тоа е тим кој веќе ги има пресметано бодовите од вечерашниот натпревар, што значи има и притисок да не потфрли. 

„Голем хендикеп за нас е што не одигравме ниту еден пријателски натпревар заедно. Немаме многу време, но мора да потенцирам дека без притисок влегуваме во натпеварот против Хановер. Тие се благи фаворити, но нема да излеземе со „бело знаме“. Ќе се бориме и убеден сум дека имаме што да покажеме“, вели Михајло петровски.

Токму тоа е главниот проблем на екипата, имаше засилувања и не е добро воиграна и усогласена. Од друга страна, пак, сигурно е непознаница и за Германците, така што важно е само да одиграат добро, сигурно нема да бидат тактички предвидливи. Тренерот Ѓорѓе Чирковиќ ветува дека оваа екипа ќе биде подобра како што минува времето.

„Направивме голема работа, но наш голем непријател ни е времето. Немавме време да бидеме заедно и убеден сум дека оваа екипа ќе изглед подобро во март и април. Татабања, Веспрем и Нексе се екипи кои имаат ист систем од минатата година и полесно им е да ги внесат новајлиите во тој систем“, смета Чирковиќ.

Во групата на Е. Работник веќе се одигра првиот натпревар. По многу драма, синоќа, Нексе ја совлада Татабања со 28-27 како гостин.