Битола „се пали“ повторно по 14 години: Еурофарм по триумфално деби во ЛШ!

Македонија во новата сезона од Лигата на шампионите ќе ѝ понуди на Европа еден друг ракометен центар, град кој беше подзаспан пред сцената на елитниот ракомет деценија и пол. Еурофарм работник ќе преземе онаму каде што остави Пелистер во 2005 година, дебитирајќи во ЛШ со домашен меч против Спортинг (17 ч.).

Нема да го има шармот на битолската гордост Пелистер, веројатно нема да има и навивање со таква жештина, во салата „Боро Чурлевски“, но во Битола сигурно ќе има желба за успешна ракометна претстава. Еурофарм работник е непознаница за европските екипи, како единствен дебитант во новата сезона од Лигата на шампионите и тоа треба да го искористи како своја предност.

Проблем ќе настане ако станат непознаница и за себеси, со оглед дека се екипа со неколку нови ракометари на важни позиции. Сепак, тренерот Стевче Алушовски имаше полно лето за воигрување и тренирање и со последните натпревари покажува дека процесот бил успешен. Еурофарм почна триумфално во СЕХА-лигата, славејќи над Спартак Москва, а и претходно во пријателските натпревари беше солиден, дури и во поразот од Вардар (30-32). Единствениот слаб натпревар му беше финалето на Струшкиот турнир, кога загуби од атински АЕК.

Времето работи за новите ракометари, како Марин Вегар и Ловро Јотиќ, кои треба да бидат едни од главните адути, заедно со искусната голманска тројка, Митревски-Трајковски-Чаневски. На нив се придодаде и повратникот на левата бековска позиција, Владислав Остроушко, кој беше прв стрелец на тимот минатата сезона во Купот на ЕХЕФ, така што, Еурофарм полека ја доби својата посакувана физиономија.

Противникот имавме шанса да го видиме во Скопје, кога го совлада Металург со 31-24, како надополнување на победата и во Португалија, уште поубедлива, со 24-26. Подоцна тоа стана најуспешната сезона за Спортинг во ЛШ, бидејќи се пласира во осминафиналето, каде што отпадна од Веспрем со еден тесен и еден висок пораз. Екипата е горе-долу задржана, со Никчевиќ, со Кубанецот Марсо, со Роча, Јонеа, Араухо, а засилени со француското крило Бинго. Затоа Португалците важат за фаворити пред денешниот натпревар и ќе важи како изненадување ако Еурофарм успее да селави.