„Аутсајдерот“ кој за седум дена ќе му гостува на Вардар, го згази Порто - на гости!

Изненадување се случи вечерва во групата А од Лигата на шампионите, во која се натпреварува и Вардар и тоа на сметка на Никола Митревски и неговиот Порто. Иако влезе како голем фаворит во дуелот со Елверум, португалскиот тим загуби на домашен терен со 28-30.

Елверум важеше за аутсајдер во групата А, но по кој знае пат се покажа непишаното правило дека во модерниот ракомет - нема слаби и силни. Норвешкиот првак го доби натпреварот во второто полувреме или, попрецизно, во последните 20 минути, кога направи пресврт. Тимот на Никола Митревски влезе во вториот дел со предност од 16-12, која ја поткрепи со уште еден гол, за највисоки 17-12 во 34. минута. Држеше пристојни плус три до 40-тата, кога беше 21-18 и потоа потона.

Елверум ја промени одбраната во 5-1, Порто немаше решение во нападот, па од 43. до 52. минута Норвежаните направија серија од 6-0! Порто финишираше во завршните четири минути, но само се доближи, без да го смени епилогот. Македонскиот голман, Митревски влезе во игра токму во последните 7-8 минути и придонесе со една интервенција.

Левото крило, Алкександер Кристоферсен Блонц беше играч на мечот со 10 гола, но одличен беше и голманот Фрајс со 14 одбрани. Кај Порто, Кинтана имаше седум, додека биде заменет со Митревски, а тројца ракометари постигнаа по пет гола: Силва, Итуриза и Ареја.

Она што е важно за Вардар не е само неочекуваната распределба на бодови од овој дуел, туку и фактот дека Елверум покажува фантастична форма на само седум дена до гостувањето на Вардар. Идниот четврток, во второто коло Норвежаните ќе допатуваат во Скопје, натпреварот е закажан за 20.45 часот.