Алушовски: Бевме без енергија во одбраната, ова е реален резултат!

Вардар беше надигран од Кјелце вторпат во една недела, овој пат со уште повисок резултат, 36-29, а тренерот Стевче Алушовски призна каде правеа најмногу грешки.

Алушовски ја истакна бледата игра во одбраната, но и грашките во нападот, кои беа проблем за Вардар и на првиот меч, во Скопје.

„Честитки за Кјелце и за Талант Душебаев за уште една победа против нас во седум дена. Денеска добро го почнавме натпреварот, но брзата транзиција на Кјелце во продолжението ни направи проблем. Тим како Кјелце, кој игра во моментов, можеби најдобра транзиција од одбрана во напад, знаеше како да го казни тоа. Во второто полувреме се обидовме да одиграме 7 на 6, но повторно имавме проблем да организираме квалитетен напад. Во одбраната игравме без енергија, особено во дуелите еден на еден и на крај...ова е реалниот резултат.“, рече Алушовски по мечот.

Вардаровиот пивот, кој од 2016 до 2018 година играше во Кјелце, Патрик Валчак, слично го опиша натпреварот, истакнувајќи ги вторите 15 минути од првото полувреме како клучен период за исходот.

„Мислам дека почнавме добро, првите 15-тина минути, но потоа нешто не беше како што треба, ние почнавме да правиме премногу лесни грешки, загубивме многу топки и му дадовме шанса на Кјелце да даде лесни голови, од контри и мислам дека тоа беше најважната причина зошто не победија“, изјави Валчак, кој само еднаш се запиша меѓу стрелците..