Алпла Хард ја продолжи победничката низа против македонските тимови

Ракометарите на Бутел загубија со 26-21 на гостувањето кај Алпла Хард на првиот натпревар од второто квалификациско коло за пласман во групната фаза во Европската лига на ЕХФ. 

Освен првичното водство од 0-1, скопјани беа во постојана негатива во текот на целиот натпревар. По една серија од 4-1 Австријците поведоа со 6-3, разлика која ја одржуваа до крајот на првите 30 минути, бидејќи на паузата резултатот гласеше 11-8. Во вториот дел, домашните стигнаа до највисоката разлика од +6 по една серија од 5-1 за да поведат со 21-15. Бутел успеа да се доближи на три разлика во финишот, но следуваа два гола на Алпла Хард за конечни 26-21.

Мирко Мајиќ со пет гола од 10 обиди беше најефикасен во таборот на нашиот тим, Филип Николов постигна четири, додека Мартин Манасков имаше три гола. Голманот Бојан Блажевски имаше 14 одбрани.

Кај Алпла Хард, Лука Рашле беше незадржлив со 10 голови од 13 обиди, четири постигна Нико Шнабл. Голуб Докниќ на голот имаше девет интервенции. 

Австријците во првото квалификациско коло го елиминираа Еурофарм Пелистер и тоа со двојна победа од 24-21 и 24-27, што значи дека Алпла Хард има 3-0 против македонските екипи во второто по ранг европско клупско натпреварување. 

Реваншот е во Скопје на 4.октомври.