Втор бран во Охрид: Веќе има 50-ина позитивни на Ковид-19 во македонскиот ракомет!

По вчерашната шокантна објава од таборот на Работнички за речиси цел тим позитивен на Ковид-19, бројката заразени со коронавирусот во македонскиот ракомет денеска е дополнително зголемена по информацијата за нов проблем во таборот на ГРК Охрид, доведувајќи ја вкупната бројка до скоро 50.

По претходно пријавените двајца со позитивен тест, охриѓани денеска објавија дека уште четворица се заразени со овој вирус, со што бројката достигна до шест од кои петмина се ракометари. Од клубот информираат дека лицата позитивни на коронавирусот се во изолација, со благи симптоми, лесна клиничка слика и добра здравствена состојба.

„После појавување на вирусот ковид -19 во ракометниот клуб Охрид, ракометарите, стручниот штаб и логистиката беа тестирани, а резултатите покажаа вкупно шест заразени лица во нашиот клуб, вклучувајќи ги и првите два случаи. Пет од нив се ракометари, додека шестиот е член на управата. Лицата се во изолација, со благи симптоми, лесна клиничка слика и добра здравствена состојба“, се вели во соопштението на клубот.

Групата А во која се натпреварува Охрид веќе извесен период е во мирување, по хаосот во КЛ7 каде што исто така речиси цел тим беше позитивен, а заразени пријавија и од Радовиш и Струга. Вчерашниот случај во Работнички автоматски ја суспендира и групата Б, иако за тоа сѐ уште нема официјална потврда од РФМ, што носи голем проблем во обидот до крајот на октомври да се одиграат сите мечеви од Суперлигата.