„Во шок сме, обвинетиот за допинг е докажан спортист и пример за младите“!

Информацијата дека ракометар на Еурофарм Работник „паднал“ на допинг тестот направен по мечот на овој тим против Бутел продолжува да ги бранува македонските спортски кулоари, а во текот на денот стигна реакција и на управата на клубот, кој потенцира дека ќе ја задржи презупцијата на невиност сѐ до конечната одлука за овој случај.

Челниците на битолскиот суперлигаш, кој во моментов дава најголем број репрезентативци, се во шок од веста која вчера дојде од Антидопинг комисијата при Агенцијата за млади и спорт (АМС), најмногу поради фактот што обвинет за користење недозволени средства е ракометар кој, според нив, бил докажан спортист и пример за младите.

Соопштението на Еурофарм Работник ви го пренесуваме во целост.

„Во однос на написите кои се појавија во текот вчерашниот ден, а се однесуваат за откриена недозволена супстанца кај еден од нашите играчи при извршена допинг контрола, ја известуваме спортската и останатата јавност дека ги презедовме сите соодветни мерки и постапки согласно правилата за постапување при ваков настан. Исто така, сакаме да потенцираме дека како клуб ги имаме преземено сите мерки за едукација на нашите играчи и превенирање на несакани настани од таков вид. Посветуваме големо и многу професионално внимание на оваа проблематика. Во овој момент управата на РК Еурофарм Работник ја почитува презумцијата на невиност на нашиот играч и тоа така ќе остане сè до донесување на крајната одлука на надлежните органи по што ќе следи нашата конечна одлука. За сите нас овој настан е огромен шок особено што се работи за докажан спортист и човек кој со своето однесување е пример за сите помлади играчи. Се надеваме дека нашиот играч ќе ја докаже својата невиност. РК Еурофарм Работник како и секогаш ќе ги почитува одлуките на надлежните органи“, се вели во соопштението на битолскиот клуб.

Неофицијално, сомнежот е кај ракометарите на овој тим, Горан Кузмановски и Милан Ѓукиќ кои заедно со Горан Печенковски и Мирко Мајиќ од Бутел биле одбрани по средбата да бидат подложени на допинг-тест.