Вардарецот Кристопанс најдобар играч во Купот, Томовски – најдобар голман

Вардаровиот џин Данаис Кристопанс ја доби наградата за најдобар играч на завршницата во ракометниот Куп на Македонија, кој денеска заврши со 13-ти трофеј во историјата за црвено-црните.

Кристопанс ја доби МВП-наградата во Купот, а титулата за најдобри стрелци ја поделија двајца ракометари на Металург – Хаил Јагањац и Филип Кузмановски.

Голманот на Металург, Мартин Томовски, пак, беше избран за најдобар голман, откако имаше два фантастични мечеви на завршницата, која се одржа во Битола.

Вардар до 30-26 го победи Металург и ја одбрани домашната „двојна круна“, откако минатата недела се круниса и за старо-нов шампион на Македонија, па сега пред црвено-црните останува само уште да ја одбранат европската титула. Претходно, Вардар ја одбрани и СЕХА-титулата. Фајнлфорот во ЛШ во Келн, каде Вардар ќе го брани европскиот трон е на програмата идниот викенд.