Вардарци загубија од Лајпциг и завршија четврти на турнирот во Германија

Екипата на Вардар го освои четвртото место на пријателскиот Хајде-куп во Германија, откако во денешниот последен дуел загубија од Лајпциг со 26-27.

Екипата која заврши осма во Будеслигата минатата сезона создаде висока предност, која вардарци тргнаа да ја стигаат, но не успеаја докрај. Нивниот налет почна уште во првиот дел, по 25. минута, кога резултатот беше 8-7 за Вардар. Оттогаш нападот на македонскиот тим како да секна, немаше решенија, а Лајпциг постигна уште четири гола за 11-8 на пауата.

Негативата продолжи да расте и на стартот на второто полувреме, па Лајпциг поведе со највисоки 21-14 во 45. минута. Вардар почна да намалува и се доближи на минус еден, но не успеа да направи целосен пресврт. Најефикасен во редовите на Вардар беше Даинис Криштопанс со осум гола.

Со ова Вардар го заврши пријателскиот турнир на кој загуби од Хамбург, го победи Фуксе Брелин и денеска тесно беше совладан од Лајпциг. Сега Парондо и експедицијата ќе се враќа назад, бидејќи на 18 август ја чека Супер купот на Македонија, против Металург.