Вардар стана шампион на Македонија - во празна сала!

Екипата на Вардар 12. пат во своето постоење стана шампион на Македонија. Тивко како никогаш, без галам, без барем малку (потребна) помпа и, најтрагично - без публика.

Првпат како европски шампион и единствен пат игнориран од јавноста. Вардар ја осигура титулата во македонското ракометно првенство, иако има уште едно коло до крајот на Суперлигата.

Во денешниот последен меч на домашен терен го совлада Пролет со 38-25 и собра 27 бода. Во последното коло игра со Металург, па дури и да загуби, сините од „Автокоманда“ би дошле максимум до 25.

Како и досегашните натпревари во Суперлигата и овој беше формален, но Пролет се држеше во првиот дел и го загуби само со 13-16. Не дозволи катастрофа ни во почетните минути во вториот, но веќе после 50-тата испушти конци и предноста стана двоцифрена.

Меѓу стрелците се истакна Игор Карачиќ со осум гола, Лука Циндриќ имаше еден помалку, а најефикасен за Пролет беше Мартин Манасков со пет погодоци. Пролет останува петти во Суперлигата, подобар само од Охрид.