Вардар со тренинг-натпревар против Пелистер до ново финале во Купот
Фаворитот одигра онолку колку што беше потребно за да слави против битолчани и да не се заморува премногу пред завршниот турнир во Лигата на шампионите што го очекува следниот викенд во Келн.
Пелистер добро го започна натпреварот и имаше предност од два гола разлика. На Вардар му требаа добри десетина минути да се разбуди и интересно во 14-тата минута дојде до првото водство од 6-5. Со серија од 4-0 фаворитот ја направи првата поопилива предност, која потоа се зголеми на +6, а на полувремето беше 20-12.
Битолчани почнаа со 2-0 во вториот дел, но по неколку грешки, Вардар лесно реализираше и брзо направи двоцифрена предност. „Црвено-црните“ немаа многу милост и ја полнеа мрежата на битолчани па предноста дојде и до највисоки +19. На крајот резултатот гласеше 46-27.
Хорхе Македа и Мијајло Марсениќ беа најефикасни со по осум голови. Томислав Јагуриновски со пет голови беше најефикасен кај Пелистер.
Следното полуфинале е на програмата во 19.15 часот, а играат Еурофарм и Металург.