Вардар промовира нови две засилувања: Георгиевски потпиша две години, Талески една

Актуелниот европски ракометен шампион, екипата на Вардар, денеска ги промовираше двете нови засилувања за наредната сезона, македонските репрезентативци - Гоце Георгиевски и Филип Талески.

Последните три сезони десното крило Георгиевски ги мина во редовите на ЧСМ Букурешт во Романија, по што реши да се врати во татковината, каде по настапите за матичниот Металург, ќе заигра и за „црвено-црните“. Тој ќе остане во Вардар до 2022 година.

Од друга страна Талески, пак доаѓа од бундеслигашот Балинген, а претходно две сезони беше дел од екипата на Рајн Некар Левен. Станува збор за „дете“ на Металург, каде што први пет години беше дел од младинскиот погон и вториот тим, а помеѓу 2014 и 2017 година настапување за првиот состав на екипата од Автокоманда. Талески досега има одиграно 26 средби за македонската репрезентација и постигнато 65 голови, а за Вардар потпиша едногодишен договор.